БаклаваДесертиПечива

Баклава со сливи и ореви

Крцкава, ароматична со неповторлив слатко киселкаст вкус е баклавата со сливи. Јас ја подготвувам посна со маргарин за славата Св. Никола, но ако се замени маргаринот со путер ќе има уште поинтензивен шмек.

Оваа доза е за 30 парчиња, бидејќи во 500 гр. тенки кори има петнаесетина листови, од половина кора се подготвува едно парче. Првин се подготвува баклавата, се пече и се остава да се олади. Потоа се подготвува шербетот со кој се прелева баклавата оладена, а шербетот топол.

Состојки за баклава:

  • 500 гр. кори, тенки за баклава,
  • 150 гр. ореви јатки,
  • 200 гр. суви сливи без семки,
  • 120 гр. маргарин/путер стопен,
  • 100 мл. масло за готвење,
  • 150 гр. кафен шеќер измешан со 10 гр. цимет.

Состојки шербет:

  • 500 грама шеќер,
  • 400 мл. вода,
  • ванилин шеќер,
  • половина исечкан лимон.

Подготовка:

Во секоја слива се става по пола јатка орев, кафениот шеќер се меша со циметот и во длабок сад се става маслото. Корите се отвараат откако се ни е подготвено на работната маса. Се вади една кора, останатите кори се покриваат со полувлажна крпа, за да не се сушат. Кората се дели на четири еднакви дела. Врз кората се тура по малку од шеќерот со цимет и од маслото. Потоа една лента се реди врз друга лента, и со тоа добиваме две ленти со два слоја. На крајот од лентата се реди сливата со орев и се витка, сливата да е цела обвиткана со кора, подолу на видеото ќе го видите начинот на виткање. Потоа  парчето се сече одозгора со остар нож до сливата во Х форма, па се реди во длабока тава за печење.

Додека се витка баклавата рерната се загрева на 200 степени.

Откако сите баклави се завиткани, се топи маргаринот, се полева врз баклавата и се става да се пече 20 – 30 минути, во зависност како ви пече фурната. Испечена се остава на ладно место, убаво да се олади. Додека се лади се подготвува шербетот.

Подготовка на шербет:

Во длабок сад се тура шеќерот и водата, се мешаат и се остава на силен оган да зоврие. Откако ќе зоврие треба уште 10 минути да врие за да се згусне шербетот. Пред крај се додава ванилата и листовите лимон, уште 2-3 минути да поврие и се трга од оган.

Ладната баклава се полева со топол шербет, па се остава да се олади и баклавата да го впие шербетот.

Наздравје!

Подготовката е на следниот линк:

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Next Article:

0 %