Овој чизкејк е вистински десерт за љубителите на смокви – кремаст, нежен и полн со богат вкус. Зрелите смокви му даваат сочност и природна слаткост, додека циметот внесува волшебн арома што совршено се вклопува со кремастиот фил. Едноставен, но впечатлив десерт кој изгледа прекрасно на трпезата и уште поубаво се топи во уста.
Состојки:
За подлогата:
- 150 г мелени бисквити
- 60 г путер
За кремот:
- 2 јајца
- 400 г несолена урда
- 100 мл слатка павлака
- 200 г кисела павлака
- 100 г шеќер во прав
- 1 лажица цимет
- 7 големи или 10 мали, зрели смокви
- 3 лажици мед
Подготовка:
Стопете го путерот и измешајте го со мелените бисквити додека не добиете смеса слична на влажен песок. Смесата распоредете ја на дното на калап за чизкејк обложен со хартија за печење, со големина околу 18-20 см, и добро притиснете ја со лажица или со дното на чаша за да се израмни. Ставете ја во фрижидер додека го подготвувате кремот.
Во длабок сад ставете ја урдата (претходно процедена), шеќерот во прав, јајцата, слатката павлака, киселата павлака и циметот. Измешајте со миксер додека смесата не стане мазна и кремаста.
Смоквите измијте ги и исечете ги на парчиња. Извадете ја подлогата од фрижидер и прелијте половина од кремот врз неа. Наредете врз кремот половина од смоквите. Потоа прелијте го целиот крем и одозгора распоредете ги преостанатите парчиња смокви. Печете во загреана рерна на 160 °C околу 70 – 90 минути. Средината треба да остане малку мека и благо да се ниша кога ќе го протресете калапот. Исклучете ја рерната и оставете го чизкејкот внатре уште 20–30 минути, со малку подотворена врата. Оставете го целосно да се излади, а потоа ставете го во фрижидер најмалку 4 часа, а најдобро преку ноќ. Пред послужување прелијте со медот и, по желба, со малку цимет.
Ако урдата е покрупна, прво изблендирајте ја за кремот да стане навистина мазен и свиленкаст.
На здравје!











