Има торти што не се само десерт, туку спомен, традиција и мирис на дом. Васината торта е токму таква – богата, сочна и благородна, со ореви, чоколадо и портокал што се спојуваат во совршена хармонија. Ова е торта што се подготвува со љубов и трпение, а вкусот се памети долго.
Потребни состојки:
За пандишпан
- 5 јајца
- 5 лажици шеќер
- 3 лажици брашно
- 7 лажици мелени ореви
- Рендана кора од портокал
- Сок од 1 портокал (за натопување)
За фил
- 5 жолчки
- 5 лажици шеќер
- 250 мл млеко
- 5 лажици шеќер
- 200 грама мелени ореви
- 200 грама чоколадо за готвење
- 200 грама путер
- 100 грама шеќер во прав
- Рендана кора од портокал
За шам:
- 5 белки
- 250 грама шеќер
- 180 мл вода

Подготовка:
Пандишпан
Ги одделуваме белките од жолчките. Белките ги матиме во цврст снег, со постепено додавање на шеќерот. Ги додаваме жолчките една по една, додека матиме.
Ги соединуваме со претходно измешани брашното и мелените ореви и внимателно ги вмешуваме со шпатула, со кружни движења.
Смесата ја истураме во округол калап со подвижен обрач.
Печеме во загреана рерна на 170 °C околу 30 минути.
Испечениот пандишпан целосно го ладиме, па го вадиме од калапот.
Фил:
Жолчките и шеќерот ги матиме до згуснување, потоа продолжуваме со матење на пареа додека да добиеме густ крем. Оставаме да се олади.
Млекото и шеќерот ги зовриваме, па ги тргаме од оган и ги додаваме мелените ореви. Чоколадото го топиме на пареа и оставаме да се олади.
Путерот го матиме пенасто со шеќерот во прав (125 грама), па ги соединуваме сите изладени смеси и ја додаваме ренданата кора од портокал.
Пандишпанот го боцкаме на неколку места со чачкалица, го натопуваме со сокот од портокал, му го враќаме обрачот и рамномерно го нанесуваме филот врз тестото. Ја оставаме во фрижидер додека да се подготви шамот.
Шам:
Во тенџере ги ставаме водата и шеќерот и вариме додека да зоврие. Потоа намалуваме на средна температура и вариме точно 20 минути. Белките ги матиме во цврст снег.
Врелиот шербет го додаваме полека, во многу тенок млаз, со постојано матење на најјака брзина (околу 20 минути). Готовиот шам рамномерно го распоредуваме врз филот и правиме форма по желба. Тортата најдобро е да отстои и да се олади преку ноќ, за вкусовите целосно да се соединат.
На здравје!










