Меки како памук, воздушести како перничиња, со прекрасен златен колорит од тиквата, која му дава неверојатен и фантастичен вкус на лепчето.
Состојки:
- 600 гр. брашно,
- 10 гр. свеж квасец,
- лажица сол,
- лажица маслиново масло,
- 300 гр. тиква варена – пасирана,
- 400/500 мл. вода,
- 20 конци од коноп со должина од 30 см. за врзување.
Подготовка:
Во длабок сад се замесува многу меко тесто од сите состојки, се меша со лажица или со миксер со перките за месење тесто. Откако тестото ќе се соедини се покрива со памучна крпа и се остава да стаса час. Потоа се премесува повторно се покрива со растеглива фолија и се остава уште час да стаса. Потоа се премесува и од него се формираат пет еднакви топчиња. Тестотот е лепливо и меко треба да се работи брзо и на набрашнета површина.
На работната маса се ставаат исечени по четири конци од коноп една врз друга (во видеото подолу ќе го видите начинот на подготовката), врз конците се става топче тесто, па се врзуваат сите конци во средина на тестото. Потоа се става во тава обложена со хартија за печење, се покриваат со памучна крпа и се оставаат 15 минути да стасаат. Па се става да се печат 20 минути во загреана рерна на 220 степени.
Штом ќе се извадат од рерна, се вадат од тавата и се витка во памучната крпа, па се ставаат на решетка да се изладат, за долната страна да не им се навлажни. Се вадата конците кога ќе се оладат.
На здравје!