ДесертиКолачи

Вафли со карамел

Овие вафли се бисквитни и крцкави, внатре со тенок слој карамел, кој го надополнува преубавиот вкус.

Пробав во тостер за вафли но неможе да се сечат за да се филуваат, најубаво ми излегоа кога ги печев на класичен тостер.

Состојки тесто:

  • 2 јајца
  • 170 гр. шеќер
  • 110 гр. путер
  • 2 лажици сув квасец
  • 100 мл. топла вода
  • 430 гр. брашно
  • лажица цимет
  • прстофат сол

Карамел:

  • 150 гр. кефен шеќер
  • 80 гр. путер
  • 350 мл. слатка павлака
  • лажица цимет
  • ванилин шеќер

Подготовка карамел:

Прво се подготвува карамелот за да се олади на собна температура.

Во тенџере се тура шеќерот и на тивок оган се остава да зарумени, да се карамелизира, па се додава путерот, се меша се заедно и постепено се додава слатката павлака со непрестано мешање. Првиот контакт на слатката павлака го здрвува карамелот, затоа првин се додава малку и се чека да се стопи и да стане течна смеса, потоа се додава циметот и ванилата, па постепено се додава останата слатката павлака. Кога ќе се сврзе целата смеса, се трга од оган и се остава на собна температура да се олади и да се згусне карамелот.

Тесто: Во длабок сад се матат јајцата и шеќерот, потоа им се додава омекнатиот путер, па брашното претходно помешано со квасец и цимет, прстофат сол и постепено додека се меси со раце, се додава водата. Тестото се формира во топка се обвиткува со растеглива фолија и се остава во фрижидер 30 минути.

Од оладеното тесто се прават топчиња од 30 гр. за да бидат сите исти и се печат во загреан тостер, додека не добијат убава боја. Кога се вадат од тостерот уште топли се сечат на половина по должина и се филуваат. На едната половина во средина се става една мала лажичка карамел  кој од топлината се растопува насекаде, па се преклопува веднаш со другата половина и се оставаат да се оладат и да се здрват.

Наздравје!

Next Article:

0 %