Базата на оваа супа се зачините кои го создаваат волшебниот егзотично-ориентален вкус откако ќе се вкуси првата лажица, додека наутот му дава скробна структура а, меките ракчињата го збогатуваат вкусот со медитерански шмек засладен од доматниот сос.
Состојки:
- 400 гр. чистени ракчиња
- 400 гр. наут варен
- 500 мл. доматен сос
- 200 мл. кокосово/оризово млеко
- две лажици кокосово масло
- мала лажица кардамон
- мала лажица кари
- 1/2 лажица ѓумбир во прав/ мало парче изрендан свеж
- чили по вкус
- сол и бибер по вкус
- лажица путер
- 2/3 чешниња лук
- 100 мл. бело вино
Подготовката:
Во тава се става кокосово масло, кога ќе се загрее се додава кардамон, кари, ѓумбир и чили се меша се заедно на средна температура неколку минути да ги пуштат аромите. Се додава кокосовото/ оризово млеко и 250 мл. вода, па се остава на појака температура да врие 5 минути. Потоа се додава доматниот сос, сол и бибер по вкус. Се остава да врие 10 минути, да добие густина.
Додека врие течноста, во тава на оган се става путерот и лукот па се пропржуваат ракчињата, кога ќе заруменат им се додава бело вино и се оставаат да крчкаат да испари течноста.
Супата кога ќе се згусне и се додава наутот, се вари 5 минути, па и се додаваат ракчињата. Се остава се заедно да врие уште 5 минути да ги пуштат ракчињата соковите, ако е намалена течноста се додава вода.
Кога се сервира се наросува со сечкан магдонос.