Нежен, лесен и неодоливо вкусен – „Бел сон“ е вистинско мало уживање во секој залак. Совршен спој од мек пандишпан и кремаст фил, збогатен со свежина од јагоди, создава десерт кој изгледа елегантно, а се подготвува едноставно.
Потребни состојки
За пандишпан:
- 6 јајца
- 16 лажици шеќер
- 16 лажици брашно
- 16 лажици топла вода
- 1 прашок за печиво
За фил:
- 1 литар млеко
- 10 лажици шеќер
- 12 лажици густин
- 250 грама путер/маргарин
- 250 грама шеќер во прав
За украсување:
- јагоди
- 100 грама бело чокаоладо
Подготовка за пандишпан:
Во сад за матење скршете ги јајцата, додајте го шеќерот и матете со миксер додека целосно не се растопи и смесата стане пенеста. Потоа додајте ја топлата вода, брашното и прашокот за печиво. Мешајте внимателно со лопатка додека смесата не се изедначи.
Подготвената смеса истурете ја половина во тава обложена со хартија за печење. Печете во загреана рерна на 200 °C околу 15 минути. Повторете ја постапката со останатиот дел од смесата. Печените пандишпани оставете ги да се изладат.
Фил:
Во тенџере ставете 600 мл млеко и додајте го шеќерот, па загревајте на умерен оган. Во посебен сад измешајте го густинот со преостанатото млеко додека не добиете мазна смеса.
Потоа, со постојано мешање, додајте го размешаниот густин во загреаното млеко. Варете додека кремот не се згусне. Тргнете го од оган и оставете го целосно да се излади.
Во друг сад изматете ги путерот/маргаринот и шеќерот во прав додека не добиете пенеста смеса. Постепено додавајте го изладениот крем и матете додека филот не стане хомоген.
Формирање на колачите:
Изладените пандишпани извадете ги од тавата и отстранете ја хартијата. Со чаша вадете кружни форми. На половината форми од едното тесто нанесете фил, па поклопете со друга форма одозгора. Повторете ја постапката со сите парчиња.
Одозгора, со слаткарска кеса, нанесете по едно топче фил и украсете со свежа јагода, а јагодата декорирајте ја со растопено бело чоколадо.
Подгответе ги и претворете го секој момент во сладок сон.
На здравје!










