ДесертиКолач / РолатРецепти

Колач со мак, малини и бело чоколадо

Kolac so mak

Три вкуса, три прекрасни слоја, ова е колач на кој тешко ќе му одолеете! Богатиот вкус на афионот е надополнет со освежителен, благо киселкаст фил од малини, а сето тоа е заокружено со свиленкаст ганаш од бело чоколадо. Комбинација на вкусови и текстури што создава вистинско мало слатко задоволство.

Kolac so makПотребни состојки за подлогата:

  • 600 мл млеко
  • 4 лажици гриз
  • 200 г мелен афион (мак)
  • 300 г мелени бисквити
  • 100 г путер
  • 150 г шеќер
  • 1 кесичка ванилин шеќер или 1 лажица екстракт од ванила

За филот од малини:

  • 300 г свежи или замрзнати малини
  • 2 лажици шеќер
  • 10 г желатин

За ганашот од бело чоколадо:

  • 50 мл слатка павлака
  • 100 г бело чоколадо

Kolac so makПодготовка: Во тенџере ставете ги млекото, шеќерот, гризот и мелениот афион. Варете на умерена температура со постојано мешање додека смесата не се згусне. Тргнете го тенџерето од оган и додајте го путерот. Кога ќе се растопи, додајте ги мелените бисквити и мешајте додека сите состојки не се соединат во компактна смеса. Оставете малку да се излади, па распоредете ја смесата во калап 20х20 и израмнете ја површината.

Фил од малини: Во тенџере ставете ги малините и шеќерот и варете додека малините не омекнат и не почнат да се распаѓаат. Желатинот растворете го во ладна вода, додајте го во малините и варете уште неколку минути со постојано мешање, додека филот не се згусне. Додека е топол филот, рамномерно распоредете го врз подлогата од афион. Оставете да се излади и стегне.

Kolac so makГанаш од бело чоколадо: Во тенџере ставете ја слатката павлака да се загрее, да не зоврие, потоа тргнете ја од оган и додадете го белото чоколадо. Мешајте додека чоколадото целосно не се растопи и не добиете мазен, сјаен ганаш. Оставете малку да се излади, па прелијте го врз целосно изладениот фил од малини.

Ставете го колачот во фрижидер неколку часа, додека сите слоеви убаво не се стегнат.

Совет: За совршен пресек и убаво оформени парчиња, најдобро е колачот да отстои во фрижидер преку ноќ. Пред сечењето, ножот потопете го во топла вода и избришете го – така секое парче ќе има убави, чисти слоеви.

Kolac so mak
Kolac so mak

Next Article:

0 %