Васина торта, но на мој начин. Има вкусови што се создадени еден за друг. Чоколадото ја носи раскошноста, оревите длабочината, а портокалот онаа прекрасна свежина што ја прави секоја нота посебна. Класичен вкус што буди спомени и љубов во секој слој. Едноставно, чоколадно и неодоливо!
Потребни состојки за 6 тортички:
- 3 јајца
- 3 лажици шеќер
- 1 лажици брашно
- 4 лажици мелени ореви
- Рендана кора од портокал
- Сок од 1 портокал (за натопување)
За фил:
- 3 жолчки
- 3 лажици шеќер
- 125 мл млеко
- 3 лажици шеќер
- 100 грама мелени ореви
- 100 грама чоколадо за готвење
- 100 грама путер
- 50 грама шеќер во прав
- Рендана кора од портокал
За шам:
- 3 белки
- 125 грама шеќер
Подготовка: Ги одделуваме белките од жолчките. Белките ги матиме во цврст снег, со постепено додавање на шеќерот. Ги додаваме жолчките една по една, додека матиме. Ги соединуваме со претходно измешани брашното и мелените ореви и внимателно ги вмешуваме со шпатула, со кружни движења. Смесата ја истураме во тава 20х30 врз хартија за печење. Печеме во загреана рерна на 170 °C околу 20 минути. Испечениот пандишпан целосно го ладиме, па со калапот круг со пречник 7 см, сечеме 6 круга.
Фил: Жолчките и шеќерот ги матиме до згуснување, потоа продолжуваме со матење на пареа додека да добиеме густ крем. Оставаме да се олади. Млекото и шеќерот ги зовриваме, па ги тргаме од оган и ги додаваме мелените ореви. Чоколадото го топиме на пареа и оставаме да се олади. Путерот го матиме пенасто со шеќерот во прав, па ги соединуваме сите изладени смеси и ја додаваме ренданата кора од портокал.
Пандишпанот го боцкаме на неколку места со чачкалица, го натопуваме со сокот од портокал, му го враќаме калапот и рамномерно го нанесуваме филот врз тестото, полека го креваме калапот нагоре, да остане формата. Така продолжуваме со останатите пет. Па ги оставаме во фрижидер додека да се подготви шамот.
Шам: Во тенџере на среден оган ги ставаме шеќерот и белките и матиме со рачна маталка додека се сврзат белките и шеќерот да се растопи. Потоа продолжуваме да ги матиме со миксер до цврст снег. Готовиот шам ставете го во вреќичка и нанесете го врз сите тортички врз филот, направете форми по желба. Тортичките најдобро е да отстојат и да се оладат преку ноќ, за вкусовите целосно да се соединат.
Пред послужување со бренер загорете го шамот, малку да се карамелизира.
На здравје!









