КифлиПечиваРецепти

Погачици полнети со тиквички и сирење

Овие погачици се меки како памук, јас ги полнев со тиквички, сирење, кашкавал и магдонос, едните ги валкав во микс од сусам и семки, другите со чиа семе. Дозата е за 24 погачици.

Состојки за тесто:

  • 250 мл млеко
  • 125 мл јогурт
  • 125 мл масло
  • лажица мед
  • 10 гр сув квасец
  • 600 гр брашно
  • лажица сол

Фил и премачкување:

  • 2 јајца ( посебно жолчка и белка)
  • 100 гр. путер/маргарин (стопен)
  • 2 тиквички (изрендани посолени, исцедени)
  • 200 гр. сирење/урда
  • 200 гр. кашкавал (рендан)
  • пола китка магдонос (исечкан)
  • 100 гр. сусам/чиа/микс од семки

Подготовка:

Се замесува меко тесто од сите состојки, освен јајцето, се покрива тестото и се остава да стаса 40 минути, потоа се премесува тестото и се дели на два дела, се формираат топки, се премачкуваат со масло, се покриваат со растеглива фолија и се оставаат да стасаат уште 20 минути.

Додека стасуваат се подготвува филот. Се рендаат тиквичките, се посолуваат и се ставаат во цедалка, после 10 минути се стискаат во цедалката да излезе течноста се додава сол и бибер по вкус, па се додаваат белките од јајцата и се меша се заедно. Сирењето се дроби, магдоносот се сечка, а кашкавалот се ренда.

На намастена површина од едното тесто со сукало се прави кора 30 см Х 50 см, се мачка кората со растопен путер/маргарин, врз неа се става половина од сирењето/урдата, тиквичките, магдоносот и најгоре се става ренданиот кашкавал. Кората се сече на 12 ленти од покусата страна, секоја лента се ролова, се става на работната маса, одозгора со рака се притиска ролната, да се сплеска, се мачка од страна со матените жолчки, па мачканата страна се валка во сусам/чиа/микс и се става на хартија во тава за печење. Истата постапка се повторува со другото тесто и останатиот фил. Од оваа доза излегуваат две тави по 12 погачици.

Се печат 20 минути, да заруменат, во загреана рерна на 220Ц.

Наздравје!

Next Article:

0 %