Овие варени ѓевречиња се со прекрасен сладок вкус од медот во кои се вареа, а многу добра комбинација со печениот сусам во кои се обвиткани. Внатре меки како памук.
Состојки:
- 1 кг. брашно,
- 100 мл. масло,
- свеж квасец,
- 500 мл. млако млеко,
- 3 мали лажици сол,
- мала лажица шеќер,
- 2 големи лажици мед,
- 250 гр. сусам.
Подготовка:
Се замесува меко тесто (да не лепи на рацете) од брашното, квасецот, маслото, сол, шеќер и млекото, ако има потреба се достава вода. Се остава 40 минути покриено со крпа, да стаса тестото. Стасано тестото се дели на 15/20 топчиња, според тоа колкава големина сакате да бидат. од секое топче се прави долго црево чии краеви се спојуваат и се формира геврек. Оформените ѓевреци се редат на набрашнета површина, се покриваат со памучна крпаи се оставаат 15 минути да стасаат. Во длабок сад се става 1л вода и 2 лажици мед да зоврие. Откако ќе зоврие водата се става во неа ѓеврек (долната страна што стоел на масата да биде горе) и се вари 30 секунди.
Потоа со цедалка се вади исцеден и дирекно се става во сусам, се врти во сусамот и од другата страна, па се реди во тепсија врз хартија за печење. Се печат 15 минути, во загреана рерна на 200Ц.
Наздравје!