Овие пастрмајлии се меки како памук, полни со вкусови од месото, сланината и јајцата. Истите ги подготвувам и со пилешко месо, по желба на моите.
Потребни состојки за четири пастрмајлии:
Тесто:
- 600 гр. брашно
- 200 мл. вода
- 1/2 квасец
- 50 мл. маслиново масло / масло за јадење
- мало лажиче сол
*****
- 4 јајца изматени
- 200 гр. рендан кашкавал
- 600 гр. свинско месо (ружа без капак) сечкано, посолено и зачинето со 2 лажици црвен пипер и малку масло за јадење
- 100 грама сланина исечкана на тенки листови
Подготовка:
Се замесува меко тесто со брашното, квасецот, водата, сол и масло за јадење и се остава да стаса 20 мин. Откако ќе стаса, се премесува и се формираат 4 топчиња кои повторно се оставаат да стасаат 40 минути.
Потоа од секое топче се формира пастрмајлија, се распоредува врз нив месото, се става по желба по малку свинска маст и се ставаат во загреана рерна на 250 Ц да се печат. После 10 минути се вадат и се полеваат со матените јајца, па повторно се ставаат да се печат. Пред крај се покриваат со кашкавалот и врз нив се става сланината, се печат уште 5 минути, да се стопи кашкавалот и сланината да стане крцкава.
Наздравје!/Б.Б.