Крцкава, сочна, полна со фил, со интензивен вкус на печени бадеми и сатенски вкус од печениот крем е оваа баклава.
Потребни состојки:
За крем:
- 400гр маскарпоне
- 200 гр крем сир
- 200 гр шеќер
- 2 јајца
- 100 мл јогурт
- 50 гр брашно
- ванила
За крцкава кора:
- 12 тенки кори за баклава
- 100 гр крупно сечкани бадеми
- 30 гр сечкани ореви
- 50 гр стопен путер за мачкање на корите
- лажица цимет
За шербет:
- 150 мл вода
- 100 гр шеќер
- 70 грама мед
- ванила
Начин на подготовка:
1. Во длабок сад се матат јајцата, шеќерот и ванилата да станат пенаста крема, потоа се додава маскарпонето и крем сирот и се продолжува со матење. Кога ќе се соединат се додава јогуртот и на крај се додава брашното. Се меша да се соединат.
2. На оган, во длабок сад се тураат шеќерот, медот, ванилата и водата. Откако ќе зовријат, се остава да врие 10 минути, да се згусне шербетот. Потоа се трга од огнот и се остава да се олади.
3. Во тава на средна температура се потпекуваат бадемите и оревите со непрестано мешање. Се подмачкува со стопениот путер округла, длабока тава 24 цм. Во неа се редат две кори, со тоа што краевите од корите да останат завиткани на надвор од тавата, па се премачкуваат со путерот. Истата постапка се повторува четири пати по две кори, па се тураат сечканите бадеми и ореви (се остава само две раце за најгоре) и циметот. Потоа се редат уште два пати по две кори, се премачкуваат со путер и врз нив во средина се тура кремот и се посипува со останатите сечкани бадеми и ореви. Корите што се надвор од тавата се вртат кон кремот и се става да се пече 60 минути, во загреана рерна на 180Ц. Откако зарумени баклавата јас ставив хартија за печење над неа и така ја допеков. Топла баклава се прелева со ладен шербет само на краевите, над корите. Се остава неколку часа да впие шербетот, па се послужува.
Наздравје!