Боранијата во мојот дом е присутна повремено, најчесто посна без месо, така ја сакаме најмногу. Можеби сите не ја обожаваат, но вака подготвена ќе ви се допадне.
Ова е здрав и нутритивен оброк кој го заокружува целокупното здравје и благосостојба на вашиот организам.
Состојки:
- 450-500 грама боранија
- два поголеми моркови (исечкани на тенки ленти)
- две пиперки зелени (исечкани на ленти)
- 5-6 лукчиња
- 300 мл. доматен сос
- пола китка магдонос (исечкан)
- 300 мл. вода
- лажица зачинал, лажица црвен пипер, бибер и сол
Подготовка:
Во тенџере со загреано масло за јадење се ставаат морковите и пиперките. Се пржат 5 минути, да омекнат, потоа се додава лук, црвен пипер, зачинал и бибер по вкус, па се додава боранијата со мешање да поприми од зачините, се пржи 5 минути, па се додава вода. Се покрива со капак (полуотворен) и се остава да крчка 10 минути, да се намали течноста. Се додава сол (ако има потреба) и доматниот сок, повторно се остава да крчка да се добие саканата густина на манџата.
Кога е готова се додава магдоносот се меша и се трга од оган.
На здравје!