БаклаваДесертиРецепти

Баклава со лешници

Вкусот од печен лешник измиксан со цимет е празник за устата. Оваа баклава кога ја подготвувам посна, го заменувам путерот со маргарин.

Состојки:

  • 500 грама тенки кори за баклава
  • 200 грама лешници
  • 2 лажици цимет
  • 150 грама путер/маргарин

Шербет:

  • 600 грама шеќер
  • 800 мл. вода
  • 2 ванили
  • 3/4 листови лимон

Оваа доза е за 30 парчиња, бидејќи во 500 гр. тенки кори има петнаесетина листови, од половина кора се подготвува едно парче. Првин се подготвува баклавата, се пече и се остава да се олади. Потоа се подготвува шербетот со кој се прелева баклавата оладена, а шербетот топол.

Подготовка:

Во тава на оган се тураат лешниците да се потпечат со мешање. Потоа се тураат во аван и се толчат, така ќе биде поинтензивен вкусот од лешниците.

Во сад на оган се топи путерот/маргаринот. Се зема кора од баклава и се дели на два дел, од една кора се виткаат две баклави. Додека се подготвуваат овие баклави, другите кори завиткани се чуваат покриени со влажна крпа за да не се исушат корите.

Кората се премачкува со растопениот путер/маргарин, се набира кората во средината и тој дел се крева нагоре а, краевите од кората остануваат долу набрани. Едниот крај од кората се крева и се става врз другиот крај. Се наросува со цимет кората, во долниот дел се става полна лажица од толчените лешници и тој дел од корите се витка во ролна до крај на кората. Подолу на видео запис ќе го видите начинот на виткање.

Завитканата баклава се реди во намастена тава. Откако ќе се наредат сите баклави ако има останато од растопениот путер се мачкаат одозгора и се ставаат да се печат во загреана рерна на 200 Ц 20-30 минути во зависност како ви пече фурната. Испечена се остава на ладно место, убаво да се олади. Додека се лади се подготвува шербетот.

Подготовка на шербет:

Во длабок сад се тура шеќерот и водата, се мешаат и се остава на силен оган да зоврие. Откако ќе зоврие треба уште 10 минути да врие за да се згусне шербетот. Пред крај се додаваат ванилите и листовите лимон, уште 2-3 минути да поврие и се трга од оган.

Ладната баклава се полева со топол шербет, па се остава да се олади и баклавата да го впие шербетот.

На здравје!

 

Next Article:

0 %