Нема поубав мирис од оној кога во домот се печат домашни банички – топли, крцкави и полни со сочен фил. Овие банички се вистинска мала магија: тенки, рачно развлечени кори што се листаат при секој залак, а во нив се крие неодолива комбинација од сирење и свежа блитва
Совршен баланс помеѓу крцкаво и меко, со домашен вкус што потсетува на детството и традицијата.
Состојки за тесто:
- 400 мл вода
- 50 мл масло
- 1 лажица оцет
- 1 лажица сол
- 550 г брашно
- масло и брашно (по потреба)
За фил:
- 300 г сирење
- 3 китки блитва

Крцкави банички
Подготовка
- Во сад измешајте ја водата, маслото, оцетот и солта. Потоа постепено додавајте го брашното и мешајте додека да добиете меко тесто.
👉 Внимавајте да не стане тврдо – тестото треба да биде меко и еластично. - Mесете го тестото околу 5 минути, обликувајте го во топка, покријте го со растеглива фолија и оставете да одмори 15 минути.
- Од тестото оформете 12 еднакви топчиња. Секое топче расукајте го во круг (15–20 см), па редете ги едно врз друго, премачкувајќи ги со масло помеѓу секој слој.
Покријте ги поцторно и оставете да одморат уште 10 минути. - Секое парче тесто ставете го на намастена површина и внимателно развлечете го со раце во тенка, голема правоаголна кора, попрскајте ја со масло.
- Преклопете ја кората од горната и од долната страна за да добиете тесна долга лента.
- На почетокот од кората на долниот дел, ставете фил од претходно исечкана и кратко обарена блитва, измешана со дробено сирење.
- Роловајте ја кората од кај филот нагоре да се формира долга ролна.
- Исплетете ја ролната во форма на баничка.
- Наредете ги баничките во намастена тепсија/хартија за печење и печете во загреана рерна на 200°C околу 25–30 минути, додека убаво не заруменат.

Крцкави банички
Послужување
Највкусни се додека се топли – крцкави однадвор, а меки и сочни одвнатре. Послужете ги со јогурт или кисело млеко за совршен домашен оброк.
На здравје!

Крцкави банички










