Крцкави, лесни, со повеќе слоја се овие тегнети питички. Полни се со фил, кој има убав солено-кисело-лут вкус од пиперчето.
Состојки:
- 400 мл. вода
- 50 мл. масло за готвење
- лажица сол
- 550 гр. брашно
- масло за готвење и брашно по потреба
- 200 гр. урда
- неколку кисели лути пиперчиња исечкани
Подготовка: Во сад се тура водата, маслото и солта, се меша па се додава брашното. Се меша со лажица да се оформи тесто, ако е многу течно се додава брашно се додека да може да се меси со рака. Треба да се внимава со брашно да не стане тврдо тестото. Тестото треба да е меко, се меси со рака пет минути па се формира топка и се враќа во садот. Се покрива со најлон и се остава 15 минути да одмори.
Потоа се става на набрашнета површина и се дели на 12 еднакви дела. Од секое парче се формира топче и се остава на набрашнета површина. Топчињата се расукуваат со сукало, да се оформи круг од 15-20 см. и повторно се редат на набрашнета површина. Кога ќе се оформат сите се редат во намастен плиток тањир. Се става една, се премачкува убаво со масло па врз неа се реди друга и се така да се наредат сите. Се покриваат со најлон и се оставаат 10 минути.
🎥Подолу има видео од подготовката.
Откако ќе се одморат се зема една и се реди на намастена површина, се растегаат краевите од сите страни со намастени раце, да се оформи голем круг. Левата страна од кората се фаќа и се преклопува накај другата, истото се повторува и од десната страна. Потоа горните краеви се преклопуваат накај долните и обратно, да се добие коцка од тесто. Во средината се става урдата и пиперчето, па се преклопува секој ќош од кората кон средината. Вака готови се редат во намастена тепсија и се ставаат во загреана рерна на 200 Ц, да се печат додека да заруменат.
Наздравје!