Ајварот е дел од нашата традиција и семејна историја. Овој рецепт ми е пренесен од баба ми, а сега и моите деца знаат како да го подготвуваат. Секое лепче намачкано со ајвар, носи спомени на топли семејни моменти и традиции. Се надевам дека и вие ќе ги откриете убавините на овој класичен рецепт и ќе создадете свои спомени.
Состојки:
- 10 кгр. црвени пиперки
- 700 мл масло за јадење
- 250 мл оцет
- 50 гр шеќер
- сол по вкус
Подготовка:
Пиперките се печат и топли се ставаат во најлон за лесно да се лупат. Кога ќе се оладат се лупат и се чистат од рачките и семките. Така исчистени се редат во цедалка да се исцедат најмалку 3 часа. Потоа исцедените пиперки се мелат. Во длабоко тенџере се тура маслото, оцетот и шеќерот да зовријат, па во нив се тураат мелените пиперки. Се пржи ајварот 30-40 минути со непрекинато мешање. Пред крај се додава сол по вкус. Се полнат топли тегли со топол ајвар, се затвараат теглите со капачиња и се оставаат да се оладат. Потоа се складираат во просторија за чување зимница.
Ајварот е не само деликатес, туку и симбол на заедништво. Подгответе го со љубов и споделете го со вашите најблиски.
На здравје!