Најдобри за сушење се малите меснати домати, зрели, црвени, сеуште цврсти и без флеки. Пелатите се токму такви – меснати и цврсти, но, секако можат да се сушат и други сорти, како cherry доматите.
Од состојки потребни се:
- 5 кг пелати домати
- 5 мали лажички морска сол
- Лажичка шеќер
- парчиња ситно сечкан лук
- Гранче рузмарин
- екстра девствено маслиново масло.
Мерките се произволни, со визуелна проценка – според вкусовите можат да се додадат повеќе зачини, а доколку нема свежи, можат да се користат и сушени зачински билки.
Измиените и просушени домати се сечат на четвртини, должински и се оставаат на решетка најмалку половина час за да се исцедат. Колку повеќе ќе се исцедат, толку покусо ќе е сушењето.
Тавата за печење се обложува со хартија за печење, на која се ставаат доматите, посолени. Внимавајте да не се допираат, за воздухот слободно да циркулира. Сушете во рерна загреана на 120°C (вентилатор 90-100°C) додека рабовите на пелатите се не свиткаат а тие не се намалат на една третина од претходната големина. Времето на сушењето е од два до три часа, во зависност од тоа колку биле сочни. Повремено се препорачува отворање на рерната (за да излезе влагата и чадот).
Во стерилизирани тегли ставајте цели резанки од лукот, гранче рузмарин и наполните со сушените домати. Ставете врз доматите малку шеќер (солта не е потребна, солени се претходно) и на крајот ставете маслиново масло. Маслото треба да ги покрие сушените домати. Теглите се затвораат, а за да стојат надвор од фрижидерот треба теглите со сушените домати да се стават во рерна и да се греат половина час на температура од 100°C. Потоа рерната се исклучува и сушените домати се оставаат во неа да се оладат./Б.Б.