ДесертиКолачиРецепти

Чоколадни карамел коцки со лешници

Богати, миризливи и неодоливо кремасти, овие чоколадни карамел коцки се вистинско уживање за сите љубители на интензивни вкусови. Совршениот спој од темно чоколадо и кондензирано млеко создава свиленкаста текстура што се топи во уста, додека печените лешници додаваат пријатна крцкавост. Со само неколку состојки и малку трпение, ќе добиете елегантен десерт кој изгледа раскошно, а се подготвува едноставно.

Состојки:

  • 400 грама темно чоколадо
  • 400 грама кондензирано млеко
  • 400 грама лешници
  • неколку капки арома од ванила или рум (по желба)
  • 1 лажичка цимет

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 200°C. Лешниците распоредете ги во тава и печете ги неколку минути, внимавајќи да не изгорат. Потоа префрлете ги на чиста кујнска крпа и со триење отстранете ја нивната лушпа. По желба, можете да употребите помала количина лешници или да ги замените со ф’стаци, бадеми по ваш вкус.

Стопете го чоколадото на пареа, откако целосно ќе се растопи, додајте го кондензираното млеко и мешајте додека смесата стане мазна и изедначена. По вкус, додајте арома од ванила или рум и цимет, или друг зачин по желба.

Обложете тава со хартија за печење. Можете лешниците да ги распоредите на дното од тавата или да ги измешате директно во чоколадната смеса. Излејте ја смесата во тавата и израмнете ја површината. Оставете да се стегне во фрижидер најмалку 8 часа, најдобро преку ноќ. Следниот ден исечете на коцки и послужете.

Овие чоколадни карамел коцки се идеални како празничен десерт, подарок во украсна кутија или слатко задоволство со шолја кафе.

На здравје!

Next Article:

0 %