Оваа комбинација од маскарпоне, бадеми и смокви создава волшебен десерт што ги плени сите сетила.
Состојки за подлога:
• 300 грама мелени бисквити
• 150 грама растопен путер
• 60 мл млеко
• 150 грама потпечени сечкани бадеми
• 150 грама суви смокви (варени 10 минути и испасирани)
Состојки за крем:
• 400 грама маскарпоне или крем-сирење
• 100 грама шеќер во прав
• 500 мл слатка павлака
• 1 лажица екстрат од ванила
• 20 грама желатин
• 10 лажици ладна вода
• 100 мл врело млеко
Подготовка:
Сите состојки за подлогата се соединуваат и се натапкуваат во калапот (25 см) и се остава да се стегне во фрижидер, додека се подготвува кремот.
Маскарпонето или крем-сирењето се мати со шеќерот во прав и со екстрактот од ванила, потоа се додава претходно изматената слатка павлака и се меша со шпатула за убаво да се спои.
Во чашка со 10 лажици ладна вода се раствора желатинот, потоа се додава во врелото млеко и се меша да се сврзе. Изладено се додава во кремот и се меша. Кремот се нанесува во калапот врз подлогата, одозгора се измазнува и се остава повторно во фрижидер да се стегне минимум 6 часа, најдобро е преку ноќ да отстои. Кога кремот ќе се стегне и ќе добие идеална текстура, одозгора се редат парчиња од свежи смокви и потпечени сечкани бадеми што му даваат завршна декорација на овој чискејк. Десертот е подготвен за да се послужи, создавајќи ви задоволство и радост при секој залак.
На здравје сладење!