Замислете ја мешавината од ароми што се шири од фурната, тоа е мирисот на детството. Овој рецепт за полнети пиперки ја нуди идеалната комбинација на сочни пиперки полнети со мешавина од мелено месо, ароматични зеленчуци и ориз, сето тоа во доматен сос. Секој залак е еден мал прозорец во традиционалната македонска кујна, внесувајќи ја автентичноста и топлината на домот, од првиот до последниот залак.
Состојки:
- 11 пиперки/ бабури за полнење
- 500 гр. мелено мешано месо
- морков исечкан на ситни коцки
- главица кромид поголема исечкана на коцки
- пола китка магдонос исечкан
- 150 гр. ориз
- 200 мл. доматен сос или 3-4 домати рендани
- лажица црвен пипер
- масло за готвење
- лажица оригано
- црн бибер и сол по вкус
Подготовка:
Во тава со загреано масло на средна температура ги динстам морковите, после три минути го додавам кромидот и динстам уште три минути, потоа го додавам месото, се заедно мешам и динстам на средна температура пет минути, потоа додавам зачини црвен пипер, оригано, сол и бибер по вкус. На оваа смеса додека е на оган го додавам оризот и 50 мл. доматниот сос или рендан еден домат, мешам се заедно на крај го додавам магдоносот и ја тргам тавата од оган.
Пиперките исчистени од семе и од шишката прво ги боцкам со чичкалица за да влегува течност додека се готват, потоа ги полнам со смесата и ги редам во намастена тава за печење. Секоја пиперка ја затварам со шишката за да не излегува смесата додека се готват. Во тавата од смесата полнам вода и го турам доматниот сос или ренданите домати и ја ставам да се загрее, со оваа течност ги прелевам пиперките во тавата (повеќе од половина да е полна тавата со течност) и ги ставам во загреана рерна на 220 Ц да се печат 30 минути со капак или алуминиумска фолија. После 20 минути го тргам капакот/ фолијата и ги остава уште 10 минути да се запечат пиперките.
На здравје!