ДесертиТорти

Ледена торта со јагоди

За да создадете вкусна пролетна торта и да се изненадите со вкусот и изгледот следете ги чекорите на подготовка.

Оваа ледена вкусна торта е од повеќе слоеви. Како сендвич со песоклива подлога и завршница од мелени бадеми и бисквити натопени со путер. Средината освежителна, млечна и пенеста од маскарпонето и слатката павлака со неодолив шмек од белото чоколадо кое во комбинација со свежите јагоди, ќе ги развесели вашите сетила. Пробајте за да ги доживеете овие задоволства.

Потребни состојки:

  • 500 гр. маскарпоне,
  • 250 мл. слатка павлака,
  • 100 гр. бело чоколадо,
  • 500 гр. свежи јагоди,
  • 250 гр. шеќер,
  • 100 грама мелени бадеми,
  • 300 грама мелени бисквити,
  • 100 грама путер растопен.

Подготовка:

Подлога: Во длабок сад се ставаат 300 грама мелени бисквити, 100 грама мелени бадеми и 100 грама путер растопен. Се заедно се меша да се сврзат состојките, ако е многу суво се додаваат 2-3 лажици млеко, од оваа песоклива смеса се вадат 5 полни лажици и се оставаат настрана, ќе ги користиме за горниот слој. Оваа смеса се тура во 20 см. модла за торти, со лажица се притиска смесата да се распореди насекаде. Се става во замрзнувач 20 минути, да се стегне подлогата.

Фил:

  • Белото чоколадо се топи на пареа и се остава да се олади.
  • Јагодите се чистат се мијат и се оставаат во цедалка да се исцеди водата. Се пасираат 200 гр. јагоди во блендер. Се ставаат во тенџере на оган, им се додава 100 гр. шеќер и откако ќе зовријат се варат на средна температура 10 минути, потоа преливот од јагоди се остава да се олади.
  • За тоа време се мати маскарпонето со 150 гр. шеќер во еден сад, а во друг сад се мати слатката павлака. На изматеното маскарпоне му се додава оладеното чоколадо со матење на миксер на средна брзина, на крај се додава изматената слатка павлака и се мати да стане  хомогена бела смеса.

Филување: На оладената песоклива смеса во калапот, се става половина од белата смеса, се распоредува насекаде и се мазни, врз неа се редат 300 гр. јагоди исечкани, врз нив се тура целиот прелив од јагоди. Потоа се додава преостанатата бела смеса, се мазни одозгора и се посипува со песокливата смеса. Тортата се става во фрижидер да отстои еден час, да се стегне. Се вади обрачот од тортата, со преостанатите јагоди се декорира тортата одозгора и се служи.

Ова лесна, ледена торта со јагоди ќе ја разубави вашата пролет!

Пријатно сладење!

 

Next Article:

0 %