ДесертиКолачи

Кантучи

Во светот на слатките задоволства, некои рецепти не се само десерт – тие се доживување, патување и традиција спакувани во секое залче. Таков е и рецептот за кантучи – прочуените италијански колачиња, познати по својата крцкавост и богатство од вкусови. Совршени се за натопување во кафе, чај или дури и во чаша сладок ликер, а нивниот мирис и текстура носат дел од Тоскана директно во вашиот дом. Ако сакате да внесете доза европски шмек и празнична топлина во вашата кујна, пробајте го следниот рецепт:

Состојки:

  • 400 гр брашно
  • 200 гр шеќер
  • 3 јајца
  • 80 гр омекнат путер
  • ½ лажичка сода бикарбона
  • 10 мл ликер по ваш избор
  • 100 гр лешници
  • 100 гр бадеми
  • 1 лажица течна ванила
  • 2 лажици какао
  • 1 лажица цимет
  • ¼ лажичка звезда (анис)
  • ¼ лажичка махлеб

Подготовка:
Во длабок сад измешајте ги брашното, шеќерот, сода бикарбоната, какаото, циметот, звезда и махлебот. Овие зачини ќе ѝ дадат на смесата топла, благо зачинета арома.
Во сувата смеса додадете ги јајцата, омекнатиот путер, ванилата и ликерот. Замесете се додека не добиете хомогена и мазна смеса. Додадете ги лешниците и бадемите, претходно малку потпечени за посилен вкус. Тестото ќе стане богато и малку поцврсто – токму како што треба. Поделете го тестото на три еднакви дела и оформете долги, тенки ролати. Наредете ги на хартија за печење. Ставете ги во претходно загреана рерна на 180°C и печете околу 25–30 минути, сè додека не добијат убава кора. Извадете ги и додека се топли, внимателно исечете ги на коси парчиња  со дебелина 1,5-2см– карактеристичниот изглед на кантучи. Вратете ги исечените парчиња во рерната и допечете уште 10 минути, додека не добијат златно-кафена боја и совршено крцкава текстура.

Чувајте ги кантучите во стаклена тегла – така ќе останат свежи и крцкави со денови, а секојпат кога ќе ја отворите, ќе ве пречека нивната неодолива арома.

На здравје!

You may also like