Ако сте љубител на вкусни домашни рецепти кои ќе ги воодушеват и децата и возрасните, тогаш овие пирошки од палачинки се вистинскиот избор. Полни со сочен фил од кашкавал, шунка и кисели краставички, а поховани до совршена крцкавост, тие се идеални за појадок, закуска или за сервирање на трпезата кога имате гости.
Потребни состојки
За палачинки (10–12 парчиња):
- 1 јајце
- 300 мл млеко
- 200 мл газирана вода
- 200 г брашно (по потреба)
- 1 лажица масло
- Прстофат сол
За фил:
- 200 г шунка (исечкана или рендана)
- 200 г рендан кашкавал
- 3–4 кисели краставички (ситно сечкани или рендани)
- 2–3 лажици мајонез
За поховање:
- Брашно
- 2–3 јајца
- Презла
- Масло за пржење
Начин на подготовка
- Палачинките:
Во длабок сад изматете го јајцето па додадете ги течностите, на крај брашнотот. Измешајте ги сите состојки, смесата да биде ни многу течна, ни многу густа. Испечете тенки палачинки на нелеплива тава, пред да се пече секоја палачинка тавата да се премачка со масло тенок слој. Палачинките треба да бидат еластични и тенки за полесно виткање. - Подгответе го филот:
Во посебен сад измешајте ги шунката, ренданиот кашкавал и сечканите краставички. Додадете мајонез и соединете сè додека не добиете кремаст фил. - Полнење и виткање:
На секоја палачинка ставете 1–2 лажици фил прво преклопете ги страните, па замотајте и завиткајте како ролничка. - Поховање:
Подгответе три длабоки чинии: едната со брашно, другата со разматени јајца, третата со презла. Секоја пирошка се валка најпрво во брашно, потоа во јајце, и на крај во презла. За дополнителна крцкавост, можете да ја повторите постапката со јајце и презла. - Пржење:
Загрејте масло во длабока тава. Пржете ги пирошките додека не добијат златно-кафена кора на средна температура. Извадете ги на кујнска хартија за да се исцеди вишокот масло.
Сервирање:
Послужете ги топли со кисела павлака, кечап или тартар сос. Надвор крцкави, внатре меки како сунѓер – идеален спој на текстура и вкус!
На здравје!